Две недели имаа и тренерот Стевче Алошовски и ракометарите на Еурофарм Работник да анализираат каде ја направија грешката во последното соочување со Татран Прешов во Лигата на шампионите (која ги чинеше пораз 24:23) и да ја поправат грешката попладнево, 18 часот, во реваншот во групната фаза.

„Фармацевтите“ одиграа одличен натпревар во Битола, во кој имаа четири гола предност, но ја прокоцкаа со „црната дупка“ од девет минути, а тоа ги чинеше четврти пораз од само еден гол во најсилното европско клупско натпреварување. И ако досега немаа време за анализа, сега имаа две недели за добро да ги воочат сопствените пропусти и да се корегираат против истиот ривал.

Еурофарм Работник му гостува на Татран, но тој покажа дека игра добар ракомет без разлика дали тоа е пред својата публика во Битола или на гости. Недостаток на среќа, на искуство, осцилации во клучни моменти… многу прашања, на кој „фармацевтите“ денеска треба да покажат дали успеале да најдат одговор.

Алушовски за оваа средба на располагање нема да ги има дефанзивецот Милорад Кукоски, кој се повреди на тренинг, кружниот напаѓач Никола Маркоски, кој се уште ја санира повредата на скршениот прст, како и десниот бек Михајло Петровски.