Ретко кој може да се пофали дека само со една година тренирање, натпреварување, станал првак на својата земја. Тоа му успеало на Александар Ристоски, младиот тетовчанец кој има само 17 години и е еден од нашите најталентирани боксери. Се натпреварува во средна категорија, а пред извесно време во Охрид на државниот шампионат, едноставно си поигруваше со конкуренцијата.

Познато е дека во Тетово спорт бр.1 е фудбалот. Но мене ме привлекуваа боречките спортови како боксот или кик-боксот.  Па затоа се решив да почнам да тренирам во БК Шкендија, и под водство на тренерите Халим Абази, Халим Фетаи и Елмас Синани, значително напредував. Горд сум на себе, но тука не застанувам. Вљубен сум во овој спорт, имам прекрасни услови за работа во мојот клуб и се надевам дека уште повеќе ќе напредувам. Не кријам дека сонувам еден ден да ја претставувам својата Македонија на Олимписките Игри“ вели за СПОРТМЕДИА боксерот Ристоски.

ИДОЛ МИ Е ДИОНТЕЈ ВАЈДЛЕР…

Додека моите врсници или играат фудбал, или пак го трошат слободното време со некои други работи, јас напорно тренирам. Сакам да успеам, сакам да продолжам со своите упеси. За само една година не само што станав првак на Македонија во јуниорска конкуренција во средна категорија, може да се пофалам дека имам успеси и на меѓународен план. Бев прв на меморијалниот турнир во Косово, исто така имав успех на турнирот во Суботица (Србија). Тоа се постигнува само со многу работа и голем труд, и се разбира со добри тренери и одлични услови. Сето тоа јас го имам во моментов, и сега ми останува на мене само да го искористам на најдобар можен начин. Инаку не кријам дека, како и секој млад боксер или спортист, си имам свој идол, а тоа е светскиот првак Дионтеј Вајдлер. Дечкото има навистина големо срце, никогаш не се предава, секоја чест, затоа ми е идол. Се надевам дека еден ден барем мал дел од она што тој го има остварено, дека и јас ќе го достигнам. Мора да имаш некој сон што ќе те тера да одиш напред, само така се успева“ заврши Александар Ристоски кој овој викенд во Албанија има уште еден предизвик на меѓународна сцена.