Вардар им се врати на победите во Лигата на шампионите по двата порази во низа од Кил на домашен терен и Веспрем на гости. Бранителот на титулата им пружи триумфална вечер на своите миленици.

Можеби играта во одбраната не беше перфектна, но сето останато беше доволно за да се врати вербата дека Вардар има што да понуди и во продолжение во сезоната иако го надвасаа бројни проблеми.

Три важни работи го одбележаа дуелот против Мешков Брест.

  • Кам-бекот на терените на Стојанче Стоилов. Капитенот на македонскиот првак за првпат по пет месеци истрча оваа сезона. По операцијата на коленото веднаш по завршување на фајнл-форот имаше долг процес на рехабилитација. Вечерва на дело се виде дека поинаку е кога големиот борец е на теренот.

 

  • Марко Кизиќ е најсветлата точка на теренот. Младиот вардаров голман за 15. минути запиша пет интервенции и најави дека тренерот Едуард Кокшаров може да смета на него и во Лигата на шампионите. 18-годишниот Кизиќ имаше врвна двојна одбрана која веднаш се најде и на „Твитер“ профилот на ЕХФ, а сигурно веќе утре ќе биде во Топ.

 

  • По оние два мачни натпревари против Кил и Веспрем се врати старата навика во редовите на Вардар. Паузата добро им дојде на „црвено-црните“, напаѓачки беа на ниво на задачата, а во второто полувреме не потсетија на оние денови кога вардаровата одбрана беше кобна за противниците. На крајот македонскиот тим се врати горе на табелата, по шестото коло е на второто место зад лидерот Кил.