Европскиот и регионалниот првак Вардар запиша нова победа во СЕХА-лигата, 26:23 (11:11) над Војводина, нешто повеќе од 24 часа по триумфот над Мешков Брест во Лигата на шампионите.

Сериози проблеми имаше Вардар на оваа средба, со оглед на тоа дека уште од првата минута остана без десниот бек Даинис Кристопанс, кој се пожали на повреда на десниот скочен зглоб и не само што излезе од игра, туку и ја напушти салата.

Во тимот ги немаше ниту Стоилов, Дисингер, Атман, Горбок и Горпишин, па тоа дополнително ги комплицираше работите. Крилата, најчесто Дибиров и Чупиќ ја превземаа улогата на бекови и заедно со Скубе, Калараш, Пелко, Шишкарев и Димитриоски се обидоа да ги држат редовите консолидирани.

Скубе со 7 гола беше најефикасен вардарец, Димитриоски постигна 6, додека Чупиќ имаше 5 погодоци. Кугис запиша 11 одбрани, додека неверојатно 19 интервенции имаше голманот на Војводина, Лука Арсениќ.

Вардар отвори со 3:1, но проблемите со одбраната и овозможија на Војводина да се врати 3:3 по десет минути игра и да следува период на игра гол за гол. Со серија 5-1 „црвено-црните“ дојдоа до највисоката предност од четири гола 10:6. Но, по двете исклучувања на Атанасовски и Калараш се отвори простор за српскиот тим да возврати на ист начин и на одмор да се замине со егал, 11:11.

Тешко играше Вардар во второто полувреме, имаше и негатива од два гола (13:15), но се обидуваше со 5-1 одбрана да ја држи Војводина, но константно се играше рамноправно.

Во последните десет минути од средбата вардарци влегоа 23:20, но се вратија со највисоки +5 (26:21), а потоа и искусно ја завршија работата до крај.