Вардар оваа сезона има проблем со голманите. Ако во изминатите години токму тие беа главни столбови во тимот, сликата сега е поинаква. Гедбан и Кугис имаат краток блесок, недоволен за оние пеколни мечеви во Лигата на шампионите.
Едуард Кокшаров имаше свој коментар за играчите на оваа позиција, како и решение во ситуации кога тешко им оди на голманите.
„И јас би сакал голманите да имаат по 20 одбрани на секој натпревар, но ако тоа го нема, мора нешто да менуваме, да играме некоја друга одбрана. Ако зборуваме за вчерашниот натпревар, конкретно, одигравме добро во напад, во одбрана правевме доста прекини и сепак освоивме два бода“, рече Русинот.
Факт е дека сезоната допрва почнува и дека вистинската битка во Лигата на шампионите почнува во февруари. Целта на Вардар е прво да ја мине групата и во меѓувреме да штеди сили токму за најважните натпревари.
„Да не заборавиме дека имаме повредени играчи и затоа мора да бидеме паметни, да ги штедиме силите. Нашата цел е да се пласираме меѓу првите шест и да ја поминеме групната фаза, вистинското доаѓа после февруари, затоа ни требаат здрави играчи и за тогаш“.