Пишува: Зоран Ѓоршоски

Нема веќе дилеми, Вардар по овие изминати 13 кола е прв и апсолутен фаворит за освојување на титулата во ПМФЛ во сезоната 2019/2020. Четата на Александар Васоски знае како треба, и кога не блеска едноставно освојува бодови. А тоа е белег на една шампионска екипа. Вардар по подолго време, не само што е прв и има +5 бодови од втората Академија Пандев и дури +12 од шампионот Шкендија, тој е најдобар и по сите показатели. Најмногу победи, најмногу постинати голови, најмалку примени голови, најдобра гол разлика, само еден пораз и тоа во стартното коло од „лавовите“.
Секако дека има уште многу да се игра, уште 23 кола, но тешко дека некој може да претпостави дека Вардар така лесно ќе ја испушти шансата да дојде до својата единаесета титула во самостојна Македонија. А. Пандев не смее да се отпишува, Шкендија никако, но оваа сезона „мириса“ на Вардар, тоа е факт. Без разлика кој како мисли, но пред фактите и боговите молчат. Вардар има шампионски дух, а тоа е повеќе од потребно за враќање на пехарот во вардаровите витрини по пауза од две години, период во кој Шкендија беше неприкосновена. Вчера Ренова немаше никакви шанси да дојде барем до бод.
Кога сме кај Шкендија ништо ново. Дома разгоропадена, игра добро, просто го „сомле“ Борец. Но на гости слабо, неубедливо, никако тимот на Ернест Ѓока да го фати тој победнички и шампионски ритам. Математички Шкендија и да го победи Вардар на сите три меѓусебни меча до крајот на сезоната, повторно не може да биде пред скопските „црвено – црни“, ќе мора да чека „кикс“ на Вардар, а тој никако да дојде. Барем не досега.

РАБОТНИЧКИ ПОКАЖА ДЕКА МОЖЕ…

Белег на колото е и добрата игра и прекин на лошата серија на Работнички. „Романтичарите“ по подолго време, завчера во Струмица и тоа кај А. Пандев, покажаа дека знаат, дека можат и дека имаат квалитет за многу подобри игри. Тие се првите кои оваа сезона му откраднаа бодови на струмичани на нивни терен. Таму паѓаа сите досега, па и Шкендија…сите. Но не падна Работнички. Ако момците на тренерот Андрески имаа повеќе среќа можеа и до целиот плен.
А „пандевци“ тешко играат без своите најдобри играчи, репрезентативци, без Стоилов и Дориев. Тоа се гледа од авион. Бурно беше на Чаир, голема борба, шанси за Шкупи, но Струга ТЛ одигра борбено, агресивно и умешно дојде до целта, а таа беше да не се загуби. И освои бод, екстра заначаен за четата на стратегот Јетон Беќири. Бадијала добрата и офанзивна игра на чаирчани, кои овојпат немаа среќа барем еднаш да ја затресат противничката мрежа.

ШТО СЕ СЛУЧУВА СО „ЛАВОВИТЕ“!?

Навистина што се случува со „лавовите“? Тешка резултатска криза ги „тресе“. Последен пат победиле, не знаат ни они самите кога. Ако не беа добрите резултати во првите кола сега Македонија ЃП ќе беше убедливо последна на табелата. Навистина несфатливо е како „лавовите“ дома загубија од Силекс, од тим кој жестоко се бори за опстанок, но и тим кој полека, чекор по чекор си се искачува на прволигашката табела. Кратовци покажуваат дека знаат како треба кога е најтешко, кога играат со посилни од себе екипи, барем на хартија. И го имаат тој фамозен Благојевиќ, кој кога треба најмногу, тогаш знае да блесне.