Рафаел Надал и официјално го мина Новак Ѓоковиќ и го презеде првото место на АТП-листата. По осмипат во својата кариера, Шпанецот го презеде „престолот“, точно една година по последниот престој кога ја мина 196-тата недела на врвот.

Надал е вториот најстар играч кој е бр. 1, по Федерер кој таму беше со 36 години во 2018 година.

33-годишниот Шпанец ќе се обиде да ја заврши годината како најдобар по петтипат во својата кариера (2008, 2010, 2013, 2017 година). Сепак, одлуката за тоа кој ќе биде прв светски рекет ќе биде донесена по Мастерсот во Лондон, каде Ѓоковиќ ќе има шанса многу брзо да си го врати приматот.

Доколку Надал, сепак, го одбрани врвот, тој ќе биде најстариот играч во историјата што ќе ја заврши годината на 1. место на АТП листата.