Најдобриот дебитант во НБА лигата за минатата сезона, Лука дончиќ, имаше уште една неверојатна вечер со нов трипл-дабл скор со што постави и нови граници во најсилната светска кошаркарска конкуренција. Со 29 поени, 14 скокови и 15 асистенции, Дончиќ уште еднаш докажа дека во моментов е еден од најзабавните и најразновидни кошаркари во НБА лигата.

За младиот Словенец ова беше 11-тиот трипл-дабл во кариерата и втор последователен оваа сезона, до кој стигна на нешто помалку од четири минути пред крајот на третата четвртина! Тој стана првиот кошаркар во НБА во последните 35 години кој што постигнал најмалку 25 поени, 15 асистенции и 10 скокови на два последователни натпревари!

Поранешниот бисер на Реал Мадрид го изедначи и рекордот со 15 асистенции кој го постигна минатата недела против Лос Анџелес Лејкерс. Неговиот Далас синоќа го преслуша Кливленд на гостински терен со 131:111 и со тоа ја обезбеди четврттата сезонска победа.

Изненадувачки лошо помина Хјустон на гостувањето на Флорида, каде Мајами го „разнесе“ со 129:100 нанесувајќи им го на „ракетите“ и третиот сезонски пораз. Лејкерси, пак, предводени од Дејвис (25) и Леброн Џејмс (21) стигнаа до гостинска победа против Сан Антонио (103:96) и со тоа се зацврстија на водечкото место на табелата во Западот по 6 одиграни средби  и 5 реализирани побед.

РЕЗУЛТАТИ:

Мајами – Хјустон 129:100

Њујорк – Сакраменто 92:113

Сан Антонио – ЛА Лејкерс 96:103

Кливленд – Далас 111:131

ЛА Клиперс – Јута 105:94

Индијана – Чикаго 108:95