МЗТ Скопје и Сплит одиграа неизвесен натпревар, приредија одлична кошаркарска претстава во СЦ „Јане Сандански“, на крајот победник излезе македонскиот првак, славеше со 70-64 (15-14, 12-20, 21-13, 23-17).

Капитенот Стојановски беше вистински лидер, постигна 24 поени, дел во одлучувачките моменти, го водеше својот тим кога победата изгледаше недостижно. Зад него беше Крстевски со 12 поени и 8 скока.

Гостите беа подобар противник во првото полувреме, пред се поради добрата игра во втората четвртина, на одморот заминаа со 27-34.

Но, кошаркарите на македонскиот првак не паднаа на притисокот, предводени од одличниот Дамјан Стојановски третата четвртина ја отворија со 11-5 и го превземаа водството. Со тројката на капитенот во 26. минута беше 42-41.

Резултатската неизвесност продолжи и во последните десет минути, Сплит постојано минимално заостануваше. Клучните поени за МЗТ Скопје ги постигна Стојановски, со тројка на 21 секунда до крајот за 68-64 стави печат на победата. Гостите повикаа тајм-аут, но не успеаја да реализираат.