Ракометарите на лидерот во домашното првенство, Металург, се чини имаа само еден посилен тренинг во мечот од 9. коло во Суперлигата на гости кај екипата на Радовиш. „Металурзите“ дојдоа до победа од 36-22 во меч во кој доминираа уште од првиот дел.

Гостите на пауза заминаа со предност од 5 гола, а во вториот дел го засилија темпото и на крајот дојдоа до нова убедлива победа, која им го зацврстува пласманот на лидерското место на табелата со 23 бода. Од останатите дуели од тековното коло, за издвојување е и победата на екипата на Вардар Ј. над Пелистер од 29-25. Младите „вардарци“ беа засилени со неколку имиња кои се дел и од првиот тим на Вардар и успеаја да го добијат дербито со битолскиот ривал.

Лесна победа и за Охрид, кој пред своја публика славеше над вториот тим на Металург со 32-27 и со тоа го задржува пласманот на 2. место на табелата, со само бод помалку од лидерот Металург.