Хувентуд успеа да му се реваншира на Нантер за поразот, на домашен терен го совлада францускиот тим со 79-77 (16-24, 18-12, 25-28, 20-13) во рамките на шестото коло во Еврокупот и направи важен чекор кон пласман во следната фаза. До четвртата победа дојде благодарение на Ненад Димитријевиќ, кој блескаше, во одлучувачките моменти постигна три поени за радост во Бадалона. Овој пат се најде и во стартната петорка.

До 27. минута Димитријевиќ имаше 14 поени без промашување (4/4 за два, 1/1 за три, 3/3 еден поен). На крајот средбата ја заврши како прв стрелец со 23 поени (2/4 за три, 6/6 за два, 5/6 за еден поен), еден скок и пет асистенции за 30. минути во игра.

Тимот од Бадалона само на почетокот имаше водство, гостите брзо успеаја да стопат негативата и да го наметна својот ритам. По 34-36 на одморот, во третата четвртина Нантер поведе со плус 10 (52-62), и во овој период Нено постигна тројка за враќање на својот тим.

Во последната четвртина токму со неговите три поени Хувентуд успеа да се доближи на 62-64. Тимот од Бадалона се бореше до крај, па во последните три минути успеа да го врати почетното водство 76-75. Димитријевиќ направи фаул, Французите реализираа за 76-77, но токму нашиот кошаркар погоди за 79-77.

По шестото коло Хувентуд е на второто место на табелата во групата Ц со скор од четири победи и два порази.