Факт е дека Наполи е во хаос, на тренерот Карло Анчелоти едноставно му „гори“, прашање е на ден кога ќе мора да ја напушти клупата на наполитанците, но нам секако повеќе не интересира што се случува со Елиф Елмас.

Дијамантот на 10 октомври имаше супер настап за репрезентацијата против Словенија, ние победивме со 2:1, а Елмас беше двојниот стрелец. Во тие моменти тој беше и стартер кај Анчелоти, но во последно време навистина се случуваат некои чудни работи.

Елмас не е веќе стартер, многу ретко добива шанса од Дон Карло, а Наполи никако не може да почне една победнчка серија. Имено на последните пет официјални мечеви на Наполи, Елмас одиграл само 64 минути, и само еднаш бил стартер. 

Но да тргнеме со ред…

На гостувањето кај Салцбург во ЛШ, каде Наполи победи со 3:2, Елмас влезе во игра во 80.минута. Следуваше гостувањето кај Спал, во рамките на редовното коло во Серија А, и на тој меч Дијамантот беше стартер, и во игра беше се до 54.минута, овој меч заврши 1:1. И потоа Анчелоти како да заборави на Македонецот. Следуваат мечевите со Аталанта дома (2:2), потоа со Рома на гости (1:2) и синоќа во ЛШ со Салцбург дома, и на сите три мечеви Елиф Елмас ја грееше клупата.