Речиси четири месеци ја делат македонската кошаркарска репрезентација од последниот чекор во битката да се вратиме на мапата на Европа. На 20-ти феверуари следната година ги почнуваме квалификациите за пласман на Европското првенство 2021 година.

Противниците на нашиот најдобар национален тим ќе бидат Италија, Естонија и Русија.

Квалификациите ги отвараме против Естонија на домашен терен, а потоа и гостуваме на Русија, ова се двата меча кои ќе ги одиграме во февруарскиот прозорец. Првите две селекции од секоја група ќе обезбедат пласман на континенталното натпреварување.

За разлика од минатите години кога дел од репрезентативците настапуваа во клубови надвор од Македонија, овој пат не можеме да се пофалиме многу, скромни сме на ова поле.

Ненад Димитријевиќ е единствениот репрезентативец кој игра во силно првенство и настапува во Европа. Кошаркарот кој не се најде на последниот список на сега веќе екс-селекторот, Јорданчо Давтиков, блеска во дресот на Хувентуд до овој дел од сезоната.

Димитријевиќ максимално ги користи своите минути, неговото искуство во најсилната АЦБ-лига и Еврокупот ќе биде добредојдено во квалификациите и за новиот селектор, кој допрва треба да биде поставен од страна на КФСМ.

Останатиот дел од оној последен список го сочинуваат кошаркари кои оваа сезона играат во македонското првенство.

Аларматно е што капитенот Војдан Стојановски и натаму е без клуб. Иако постојано ја одржува формата, сепак еден од нашите најдобри играчи е надвор од натпреварувачка форма, па колку побрзо најде нова средина тоа ќе биде подобро. Сите добро знаеме што значи Војдан за националниот дрес.

Како втор интернационалец во нашите редови е Стојан Ѓуроски. Тој се натпреварува во втората француска лига, чиј квалитет е далеку од оној на АЦБ-лигата, но сепак собира некое меѓународно искуство и засега одлично му оди во дресот на Евро.

Меѓу позитивните точки е настапот на МЗТ Скопје во АБА2-лига. Дамјан Стојановски, Симоновски, Магдевски, Николов, Крстевски..се во силен натпреварувачки ритам.

Иако нема правила и голем дел од играта зависи и од селекторот, не можеме да го избегнеме фактот дека по подолго време Македонија има скромен број на играчи кои настапуваат во странство.

Ќе треба добра тактика, и секако добра атмосфера, за мотивот не се сомневаме, момците кои ја вадеа Македонија од „калта“ тоа го покажаа на дело.

Во една ваква ситуација добра вест е што дел од ѕвездите што допрва треба да дојдат како Јакимовски, Симиќ, Стефанов…кошаркарски се развиваат во странски тимови.