Пишува: Зоран Ѓоршоски

Како што неофицијално дознаваме, во декември – јануари Шкендија, шампионот на Македонија, останува без својот спонзор „Еколог“. Оваа лоша вест за фудбалско Тетово, па и за фудбалска Македонија, секако дека ќе биде голем удар за клубот, кој од од 2013 година летото, стана своевиден фудбалски бренд во Македонија, но и пошироко, и тоа само благодарение на „Еколог“ и газда Лазим Дестани.

Но се чини дека толку беше. По се она што се случуваше летово во Европа, но и по катастрофалните резултати на стартот од сезоната, кога „ѕвездениот“ тим на Шкендија никако да заигра како што треба, но и поради некои други работи поврзани со општината и изградбата или реконструкцијата на стадионот, „Еколог“, така барем велат нашите информации, рекол ДОСТА Е. По потрошени 20 милиони евра за шест години, по освоени две титули и два купа, по трипати влегување во плеј – офот во Лигата на Европа, се чини дека толку беше од спонзорството на „Еколог“ во Шкендија.

Ова реално и не е никаква сензација, посебно не по последните настани во клубот, кога си замина цела раководна структура на Шкендија, а беше назначена нова. Имено евидентно е дека некои работи не „штимаат“ како некогаш, пред 7-8 месеци, кога Шкендија беше пример како тоа треба да се работи со еден клуб, шампионски клуб.

СИ ОДАТ И БЕСАРТ, АГИМ, АЛИМИ, ЖУНИОР…!?

Ако е веќе така, ако навистина „Еколог“ има намера да си оди, тогаш јасно е дека и „ѕвездите“ нема веќе да бидат дел од Шкендија. На Фелипе веќе му е раскинат договорот, исто така ќе следи раскин или заминување, или разделба со Бесарт Ибраими, Агим Ибраими, Арменд Алими, Стенио Жуниор, Марјан Радески, Со сите оние кои имаат највисоки договори. Што се однесува до Егзон Бејтулаи, тој на зима е слободен играч, така да репрезентативниот стопер секако дека ќе си оди, има понуда од Трабзонспор. За другите ништо уште не се знае.

„ЕКОЛОГ“ СЕПАК НЕМА ДА ЈА ОСТАВИ ШКЕНДИЈА НА ЦЕДИЛО…!?

Е сега како ќе се развиваат настаните со Шкендија, останува да се види, но плановите биле клубот по секоја цена да не смее да се остави на цедило. Според она што СПОРТМЕДИА дознава, секако неофицијално, Шкендија би се вратила под закрилата на Општината Тетово, а „Еколог“ во наредните неколу години би бил само помал спонзор, би давал на пример по 500.000 евра годишно. Токму затоа биле тие разговори и укажувања на челниците на клубот до играчите, дека во иднина нема веќе да биде исто.

Штета, навистина штета. Прво Вардар, а сега веројатно и Шкендија, ги губат своите спонзори, кои и покрај големите вложувања, да не речеме фрлени пари во овие 5-6 години, сфатија дека во оваа држава од фудбалот не може да се направи бизнис, туку само големи загуби.

Штета, а се можеше да биде поинаку…