Наполи влезе во сериозна криза поради што четата на Карло Анчелоти заостанува 11 бодови во однос на Јувентус после само 11 кола во Серија А. Навивачите се незадоволни и утринава ги пречекаа фудбалерите со пароли „платеници“ и „почитување“.

А хаосот започнал минатиот викенд кога контроверзниот газда Аурелио де Лаурентис после поразот од Рома ги испратил играчите во седумдневен карантин. Фудбалерите се побуниле и си заминале дома со своите возила. Истото го направиле и после мечот со Салцбург во ЛШ.

Локалниот весник „Ил Матино“ пишува дека прв против газдата се кренал Лоренцо Инсиње кој поради тоа може да остане без капитенската лента. Инсиње бил тој кој застанал пред Едуардо де Лаурентис, синот на Аурелио, и му рекол дека играчите одбиваат да одат во карантин. Потоа се вмешале и другите играчи, а бразилскиот интернационалец Алан освен што го навредувал Едуардо дури сакал да го тепа.

Па така Алан уште зимоска ќе биде продаден, а покрај него „летаат“ и Дрис Мертенс и Хозе Каљехон затоа што никако да се договорат за продолжување на соработката. А во оваа драма се споменува и Калиду Кулибали, еден од милениците на Аурелио. Газдата го проценува на 300 милиони евра и засега нема да го чепка туку само ќе го казни со 25.000 евра.

На Аурелио му засметало и тоа што тренерот Карло Анчелоти заземал неутрален став во целата ситуација. Се чини дека Дон Карло ќе остане до крајот на сезоната иако првиот човек на Наполи веднаш би го избркал, но проблем претставува тоа што ќе треба да му плати шест милиони евра, а истовремено клубот од Сан Паоло ќе мора да го плаќа и новиот тренер.