Во четвртиот квалификациски меч за пласман на ЕП, нашата женскат репрезентација вечерва на Арената „Тодор Проески“ загуби од Австрија со 0:3. Тоа беше третиот наш пораз во Групата Г. Пораз апсолутно заслужен, сепак Австрија во моментов е пресилна за нас, па така освен борбеноста и големата желба, нашите фудбалерки не можеа да покажат ништо повеќе. Толку се силите, посебно кога играме без Наташа Андонова.Имено нашата најдобра фудбалерка поради повреда не беше во составот на Македонија а овој натпревар, секако дека ова беше голем хендикеп за селекторот Кирил Изов.

Првиот дел мина во доминација на гостинките, кои првите 45.минути го завршија со водство од 2:0. Првиот гол падна во 35.минута и тоа од пенал, реализаторка беше Била, откако претходно Ангеловска стартуваше во нашиот шеснаесетник. Во последните секунди од првиот период, поточно во 45+2.минута по асистенцијата на Макас, Задражил стрелаше во мрежата на Панчурова.

СЕ РЕДАТ ШАНСИТЕ ПРЕД НАШИОТ ГОЛ

Иста слика на теренот и во вториот дел. Австрија далеку подобар противник, имаше и повеќе шанси за гол, едноставно се редеа можностите за нов гол во мрежата на Панчурова. Но Била, Макас, Задражил и останатите фудбалерки на Австрија неа знаеја како да го погодат нашиот гол. Македонија пак се бранеше со сите сили, ретки беа акциите на противничката половина и покрај желбата на избраничките на селекторот Кирил Изов. Но тоа не беше се, во 78.минута Дунст по една убава соло – акција постигна гол за конечни 3:0. Во последните минути Пинтер имаше две супер шанси, но само среќата не спаси од поубедлив пораз. Па така со овој пораз ние останавме на 4.позиција во Групата Г за ЕП, без никакви шанси за висок  пласман.

МАКЕДОНИЈА – АВСТРИЈА 0:3 (0:2)

Национална Арена „Тодор Проески“ во Скопје. Судија: Луцие Шулцова (Чешка). Стрелци: Била (п) 35., Задражил 45+2., Дунст 78. (АВС). Ж. Картони: Живиќ, Ангеловска (МАК).

МАКЕДОНИЈА: Панчурова, Бошеска, Ангеловска, Николовска (61.Димоска), Живиќ, Ристовска, Шемсовиќ (56. Мустафа), Јаковска, Милеска, Максути, Рочи.

АВСТРИЈА: Зинсбергер, Шнадерберг, Венингер, Кирчбергер, Ашауер, Феирсенгер (63. Дунст), Пунтигам, Задражил, Хикелсбергер – Фулер (82. Пинтер), Била,Макас (82.Хобингер).