По серија од три последователни порази, кошаркарите на Фенербахче, конечно, победија. Во мечот од 7. коло на Евролигата, избраниците на Жељко Обрадовиќ пред своја публика успеаја да ја совладаат екипата на Баерн со 90-82 и со тоа да донесат малку насмевки на лицата на своите навивачи.

Германскиот тим се потврди како одличен ривал кој во текот на целиот меч му создаваше главоболки на Обрадовиќ и неговите момци. Неизвесното прво полувреме заврши со минимална предност од еден поен за Фенер, додека во второто полувреме Германците успеаја да заминат на пауза пред последната четвртина со поен предност. Во последната четвртина, Фенер го најде патот за победа, дојде до пристојна предност од 8 поени на 6 минути пред крајот и успешно ја задржаа разликата до завршницата за да ја запишат само втората сезонска победа.

Дерик Вилијамс со 19 поени беше најефикасен во турскиот состав, додека кај Баерн најдобар поентер беше Монро, исто така со 19 поени.