На две трки до крајот на сезоната, Луиз Хамилтон стигна до шестата шампионска титула во Формула 1 и е на чекор до рекордот на Михаел Шумахер.

„Не можам уште да процесирам дека стигнав до шестата титула. Не знам како треба да се чувствувам сега. Како дете гледав Ф1 на телевизија, а сега ме поврзуваат со Ајритон Сена и Михаел Шумахер. Чудесно…“, изјави Хамилтон.

Хамилтон со Мерцедес освои се што можеше во последните шест години и доминира на сите можни начини. Има договор до 2020 година, кога ќе наполни 35 години, а дали ќе остане и натаму во Ф1 засега не е познато.

„Не ми се допаѓа идејата за крај на кариерата, напротив малку ме плаши и помислата да престанам да го работам она што го работам. Не знам дали го имам достигнато својот максимум… Сакам да го замислувам мојот пат во Ф1 како уметник кој создава ремек-дело. Чувствувам дека моето уште не е довршено, дека има многу делчиња кои недостасуваат, а истовремено дека го имам најдобриот алат на располагање.“