Веспрем без посериозни проблеми и без македонскиот репрезентативец Дејан Манасков во тимот, славеше во „мечот на неделата“ против Мешков Брест на гостувањето во „Викторија“, 37:30 (20:17).

Отсуството на Манасков или евентуална повреда не беше никаде пријавена па зачудува одлуката на Давид Дејвис да игра со 15 ракометари.

Мечот го имаше епитетот ЕХФ „меч на неделата“, но со исклучок на воведните десетина минути кога Мешков имаше водство од 5:2, се натаму беше во знакот на Веспрем. Првото полувреме се играше помалку или повеќе изедначено со највисока предност од три гола на едната или другата страна пред Веспрем со 20:17 да замине на одмор.

Во вториот дел гостите наметнаа темпо, создадоа голема разлика и мирно го сведоа мечот до крај.

Петар Ненадиќ и Драган Гајиќ со по 8 гола беа први стрелци за Веспрем, додека Микита Ваилупау беше најефикасен кај Мешков Брест со пет гола.