Вардар и Келце одиграа крајно драматичен натпревар, вистинско дерби на седмото коло во групата Б, кое на крајот заврши без победник 28-28 благодарение на Калифа Гедбан.

Имаа свои шанси „црвено-црните“, особено во првото полувреме, имаа и гостите, но крајот токму алжирскиот чувар на мрежата му донесе бод на својот тим кој го задржа второто место на табелата во групата Б.

Видовме еден поинаков тим, играше цврсто во одбраната особено во првите 15. минути од мечот. Во игра не влезе Данис Кристопанс, во нападот Иван Чупиќ „глумеше“ десен бек, но добри ги спроведуваше задачите. Тешко беше да се издржи темпото, осум ракометари ротираа постојано, да беше Вардар комплетен сценариото ќе беше поинакво.

Келце го отвори мечот, македонскиот тим брзо поведе со 4-2, а потоа и со 7-3 и 8-5. Мала, но значајна помош доаѓаше и од голманите. По втората одбрана на Кугис, Атман реализираше за 10-5 во 15 минута.

Силите на избраниците на Кокшаров полека се трошеа, кратката клупа ја искористи Талант Душебаев, кој повика тајм-аут. Келце набрзина постигна четири гола во серија (два од нив на празен гол). Во 18. минута беше само плус еден за Вардар (10-9).

По цели 25. минути го врати водството и тоа благодарение токму на празната мрежа (14-15). Имаа среќа „црвено-црните“, како полските ракометари да не беа подготвени за „седум на шест“ па промашуваа на празна мрежа. На одморот „црвено-црните“ заминаа со водство од 17-16.

Второто полувреме, Вардар го отвори со серија од 3-0 за 20-16 во 33. минута. Но, играта  „седум на шест“ го даде непосакуваниот ефект, со шест гола во низа (два на празна мрежа“, Келце поведе со највисоки плус два 22-25 во 46. минута. На другата страна македонскиот тим десет минути беше без погодок.

Чупиќ и Скубе конечно го најде патот до полската мрежа (24-25). Гедбан беше феноменален на голот на македонскиот првак, но штета ракометарите не искористија четири напади за израмнување при 25-26.

Сикошек Пелко ја најави драмата на четири минути до крајот, погоди за 26-26. Игра на нерви, игра на пенали..Карачиќ и Чупиќ погодија од седум метри, Гедбан со 11 интервенција го отвори патот кон победата. Скубе реализираше за 28-27.

Шишкарев доби две минути по голот на Кулеш за 28-28. Нападот не беше искористен, Гедбан одбрани, но Скубе не упеа да донесе победа.

Токму Словенецот со седум гола од 11 обиди беше прв стрелец, зад него беше еден гол помалку имаше Чупиќ.

Овие два тима за една недела одново ќе ги одмерат силите, овој пат во Полска.