По два порази во Лигата на шампионите (Кил и Веспрем) европскиот првак Вардар минатиот викенд со триумфот над Мешков Брест не само што се врати на победничките патеки, туку и на второто место во групата Б, а за да остане таму потребен му е и позитивен резултат во денешното соочување со Келце, 17:30 часот, во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.

Вардар и Келце се стари познаници кои по четврти пат во последниве пет сезони ќе се соочат во најсилното европско клупско натпреварување. Статистиката е во полза на полскиот тим пет победи, наспроти три на „црвено-црните“.

Вардаровиот тренер Едуард Кокшаров и покрај проблемите со повредените играчи беше оптимист дека македонскиот првак ќе ја има против-играта за Келце и дека ќе излезе како победник во тешкиот меч. А, дека одлично се знаат, тука нема тајна, со оглед на тоа дека Талант Душебаев индиректно беше и еден од креаторите на овој Вардар, препорачувајќи го Раул Гонзалез за тренер.

Двајца екс-вардарци Игор Карачиќ и Алекс Душебаев ќе се вратат во „Јане Сандански“ и ќе играат против своите, односно дел од играчите со кои седнаа на кровот на Европа и во 2017 и во 2019 година. Секако многу емотивно ќе биде враќањето на популарниот Кара, кој за СПОРТМЕДИА изјави дека ќе му биде чудно да игра против своите браќа. 

Силата на Вардар е ставена на нов текст, тежок тест на кој европскиот првак ќе мора да биде вистински доколку сака да цели и натаму кон првите две места во групата Б.

Овој меч всушност ќе биде првата рунда со оглед на тоа дека овие два тима и следниот викенд ќе се соочат во Келце во ЕХФ „мечот на неделата“.