Вечерва на „Сан Паоло“ под Везув, се среќаваат Наполи и Џенова, меч од 12.коло во Серија А во тековниот шампионат. На прв поглед еден обичен меч, но не за Македонците. Вечерва во Неапол за првпат еден против друг ќе играат Елиф Елмас и Горан Пандев. Дијамантот против Гранде, принцот против кралот, барем така го најавуваат „македонското дерби“ веќе неколку денови медиумите во Италија, и со право.

Ако некој има предиспозиции да го наследи Пандев на тронот како најдобар македонски фудбалер, тоа секако дека е само Елмас. Чудо од дете кое летово со многу помпа направи мега – трансфер од Фенербахче во Наполи. Пандев пак ја „тера“ својата 18 сезона во Серија А каде што стана легенда, каде што во секоја сезона постигнувал барем по еден гол, без разлика во кој клуб играл, чии бои бранел.

Вечерва, во ноќта на емоциите ќе видиме кој ќе биде поуспешен, Елмас или Пандев, кој ќе слави, кој ќе се радува, Наполи или Џенова. Нам многу поважно ни е и двајцата да одиграат како што знаат, како што умеат.

СУПЕР ТАНДЕМ ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА….

Може малку ќе им биде чудно, и на двајцата. Секогаш играле заедно, еден покрај друг. Тоа е тандемот во нашата репрезентација, оној офанзивен, веројатно таков сме немале никогаш во историјата. Штета што кралот или Гранде е при крај со кариерата, но тој тандем веднаш се пронајде себе си. Аистенции, голови, заедничка радост. Па лесно е кога еден покрај друг играат двајца врвни фудбалски мајстори.

Наполи е во криза, клубот се „тресе“ по сите оние настани од минатите денови, па и Пандев со Џенова не доаѓа растоварен, и таму на резултатски план не цветаат рози. Ова го велиме од причина што и едниот и другиот ја посакува таа важна победа, тие големи три бода.

ПО ПАНДЕВ НА РЕД Е ЕЛМАС…

Италијанците со години наназад уживаат во фудбалските мајстории на Гранде Пандев. Тој е чудо на природата, да играш така на екстра ниво со 36 години, да си поигруваш со противничките одбрана на така фраерски начин, е тоа го може само струмичанецот. И покрај годините, тој не се дава така лесно, ќе треба уште малку време да мине за  да го препушти престолот на Елмас како, нели, природен наследник. А италијанците и натаму ќе уживаат во мајсториите на еден Македонец. Но сега на Дијамантот Елмас…

А ние покрај малите екрани за кого да навиваме? За Наполи или за Џенова? За Дијамантот или за Гранде? Па нека биде  нерешено на наше задоволство, со по барем еден гол од фраерите во Серија А во противничките мрежи.

Онака мераклиски, онака за наша душа, фудбалска…