Десеттото суперлигашко коло стартува денеска, со три натпревари на програмата.

Го отвора братскиот дуел во „Автокоманда“ меѓу Металург и Металург 2 од 18 часот, каде исходот од мечот е јасен уште од стартот со оглед на соодносот на силите како и позициите кои екипите ги имаат на табелата. Избраниците на Зоран Кастратовиќ се без пораз сезонава, а кикс сигурно дека нема да си дозволат, макар и против своите, особено не сега пред настапот во ЕХФ купот.

Половина час подоцна, исто така во Скопје, Бутел го пречекува Пелистер. Бутел и тоа како е победнички расположен пред оваа средба, пред се поради фактот дека бодови во мечот со „зелените“ може да ги донесат до второто место во Суперлигата.

Секако многу работи ќе зависат и од утрешниот дуел меѓу Охрид и Пролет, но Бутел треба да си ја заврши својата работа пред да чека грешка на конкуренцијата.

Последниот меч денеска е дуелот од дното меѓу Струга и Работнички.