Дуелот меѓу Вардар и Келце е во центарот на вниманието. Во Скопје денеска (17:30 часот) ќе се води битка за второто место на табелата.

И двата тима во минатото коло освоија два бода и се вратија на победите. Полскиот состав зад себе го има триумфот над Веспрем, тим кој на Вардар му нанесе тежок пораз на домашен терен.

И покрај оваа победа сите во таборот на Келце гледаат со голем респект кон Вардар, свесни каква атмосфера ги чека во СЦ „Јане Сандански“, но и се што можат да понудат избраниците на Едуард Кокшаров.

„Кога му гостуваш на Вардар прво што треба да знаеш дека се може да се случи во Скопје. Фановите на противникот се големи фанатици. Верувам дека момците нема да ги изгубат главите, нема да ги фати паника, па така ќе имаме шанса за победа. Вардар е на второто место на табелата и ако ме прашувате мене воопшто не е слаб тим, тој е еден од најдобрите во Европа. Иако се раздели со Карачиќ и голманот, сепак има речиси ист состав со кој ја освои Лигата на шампионите. Доколку голманот на Вардар има свој ден, тогаш тимот ќе има големи шанси за победа. Доколку ние бидеме одлични во одбраната и секако имаме поддршка од голманот, тогаш и победата ќе биде возможна“, изјави првиот човек на Келце, Бертус Сервас.