Во фудбалот не секогаш победува тој што ќе заслужи, туку тој што има повеќе среќа. Агим Ибраими беше двапати успешен пеналџија и успеа да и донесе победа на Шкендија од 2:1. Бадијала добрата игра на Работнички, барем 5-6 идеалните шанси и водство од 1:0, но шампионот знаеше што и како треба во пресудните моменти. Овие три бода одат на „душа“ на Агим Ибраими.

А Работнички може да жали и да се прашува што треба да стори за да победи. Ситуацијата станува критична.

Два гола, многу шанси, еден досуден и еден недосуден пенал, тоа беше епилогот од првиот дел. Работнчки поведе со голот на Шаркоски уште во 6.минута, додека Шкендија израмни од пенал, во таа 19.минута откако претходно Стојков го фаулираше Бесарт Ибраими. Потоа следуваа шансите на Ацковски, Шаркоски и Јаго, кај гостите пак идеална шанса имаше Бесарт Ибраими. Во финишот на првиот дел Мици играше со рака а судијата Ставрев сепак не покажа на белата точка во корист на Работнички, веројатно погреши.

ТОШЕВСКИ ВО ДИРЕКОТ, ШАМПИОНОТ ИМА СРЕЌА

Вториот дел започна со нешто поактивна игра на Работнички, се виде дека „романтичарите“ тргнаа по останатите два бода. Сепак во раната фаза од овој период Шкендија преку Имери можеше да поведе, младиот офанзивец имаше чиста зицер ситуација, но не успеа да погоди. Во 70.минута просто неверојатно е што Работнички пропушти. За 10 секунди упати три удари, два Захов одбрани а Тошевски шутираше во дирекот. Штета за Работнички. Во 78.минута Работнички останува со играч помалку откако Силјановски непотребно стартуваше врз Жуниор, втор жолт односно црвен му покажа Ставрев. Сосема оправдано.

И тогаш уште еден пенал за Шкендија, се играше 89.минута кога Фазли беше срушен а Ставреб покажа на белата точка. Повторно Агим Ибраими сигурен за победа на Шкендија.

 

РАБОТНИЧКИ – ШКЕНДИЈА 1:2 (1:1)

Национална Арена „Тодор Проески“ во Скопје. Судија: Александар Ставрев (Скопје). Стрелци: Шаркоски 6. (РАБ), А. Ибраими (п) 19., (п) 89. (ШКЕ). Ж. Картони: Стојков, Силјановски, Тошевски, Кордоба, Ацковски, Илиќ (РАБ), Незири, Мици, Жуниор (ШКЕ). Ц. Картони: Силјановски 78. (РАБ).

РАБОТНИЧКИ: Шишковски, Илиќ, Петковски (65. Тошевски), Ацковски, Марковиќ (73. Јевтоски), Силјановски, Стојков, Кордоба, Јаго, Шаркоски, Клисура.

ШКЕНДИЈА: Захов, Мици, Алими, Б. Ибраи, Тотре (83. Хусмани), А. Ибраими, Мурати (61. Садриу), Жуниор, Незири, Имери, Чешмеџиев (69. Фазли).

Standings provided by Sofascore LiveScore