Денеска од 13 часот на Арената „Тодор Проески“ се игра последниот меч од 14.коло во ПМФЛ. Се среќаваат Работнички и Шкендија, екипи кои заедно со Вардар во последните осум – девет години го освојувале шампионатот. Токму затоа, без разлика што оваа есен „романтичарите“ не играат на своето рамниште, овој меч е дерби на колото. 

Факт е дека Работнички е на последното место на табелата, затоа секој бод му е потребен што вели стратегот Марјанчо Андрески, и ќе мора по секоја цена да „удри“ по шампионот, ако сака што побргу да се извлече од оваа „каша“ каде што е сега. 

Да споменеме дека за Шкендија нема да играат репрезентативците Бејтулаи и Радески, а Фелипе не е веќе фудбалер на тетовскиот клуб.

Кога сме кај традицијата да кажеме и тоа дека Работнички нема победа над Шкендија на последните 12 официјални натпревари. Девет победи на тетовци и три ремија. Последен пат Работнички се радувал на 15 април 2017 година кога беше 1:0.

АНДРЕСКИ: ШАМПИОНОТ Е ФАВОРИТ…

Андрески за клупскиот сајт, пред денешниот меч, изјави…

„Шкендија е фаворит, има искусен тим, па и шампион е. Но ние играме на домашен терен и се надевам дека можеме да му се спротиставиме и да освоиме бодови. Нема да биде лесно, но на Работнички му треба секој бод и ќе се бориме за секоја топка на овој натпревар. Доколку бидеме на потребното  ниво мислам дека можеме да извлечеме позитивен резултат“ заврши тренерот на Работнички.

Да кажеме и тоа дека Андрески на овој меч, поради жолти картони, нема да може да смета на Себастијан Херера.