Октај Махмути одново е во Скопје. Стратегот кој беше поврзуван со селекторското место во најдобрата репрезентација овој пат е дојден приватно, со своето семејство.

Посетата на нашиот главен град Махмути секако ја искористи за пријателска средба со првиот човек на КФСМ, Перо Антиќ и неговите соработници.

Не станува збор за завршни преговори. СПОРТМЕДИА дознава дека тој нема да биде селектор на Македонија, но ќе продолжи да соработува со челниците на нашата „куќа на кошарката“ и ќе помога околу подигање на нивото на овој спорт. Махмути пред скоро време ја прифати поканата на Антиќ да биде дел од тренерскиот семинар, на кој присуствуваше и едно име како што е Душан Ивковиќ.

КФСМ во моментов работи на решавање на испразнетото место на клупата на репрезентацијата која во февруари стартува со квалификациите за пласман на Европското првенство 2021 година.

Претходно на „кормилото“ на нашиот најдобар национален состав беше Јорданчо Давитков, но неговиот договор истече.

*Превземањето на содржината без одобрение на СПОРТМЕДИА е строго забрането и казниво според Законот.