„Помеѓу Интер и Дејан Кулушевски има нешто повеќе од взаемно допаѓање“, пишува денешна „Газета дело Спорт“, најавувајќи дека во јануари Антонио Конте ќе се обиде да го донесе во својот тим Македонецот со шведски пасош.

Еден од најтиражните спортски весници на „чизмата“ предупредува дека ваков потфат ќе значи и тешка рунда преговори со две страни. Прво, Конте треба да ги убеди работодавците да извадат сума од околу 30 милиони евра за Кулушевски, затоа што клубот кој го има потписот на крилниот напаѓач, Аталанта, нема да прифати трансфер на Кулушевски под оваа цена.

Втор проблем ќе биде Парма, која го донесе на позајмица ова лето со обврска да го откупи неговиот договор во јуни. „Млакарите“ по досегашните настапи на Кулушевски сигурно ќе сакаат да го задржат и догодина, па затоа Интер ќе има уште еден голем проблем за решавање. Сепак, Конте јасно ставил до знаење дека Македонецот кој доби повик за настап и во А-репрезентацијата на Шведска е при врвот на неговата листа на посакувани засилувања веќе оваа зима.