Англија вечерва против Црна Гора на „Вембли“ со стил го прослави 1000 меч. Победа од 7:0 и пласман на ЕУРО 2020 како првопласиран во групата А.

Капитенот Хари Кејн скокна на петтото место на вечната листа на стрелци во англиската репрезентација после вечерашниот хет-трик во првото полувреме (31 гол), а во листата на стрелци по првите 45 минути се запишаа уште Окслејд-Чембрлен кој беше стартер после 18 месеци и Маркус Рашфорд.

Во второто полувреме Шофранац си постигна автогол, а новиот напаѓач на „Гордиот Албион“ Тами Абрахам ги постави конечните 7:0 со својот дебитантски гол.

Абрахам е 430. стрелец на погодок за „Гордиот Албион“ во историјата. Ова е најубедливиот триумф на Англичаните од 1987 година кога ја победиле Турција со 8:0.

Тоа значи дека за Англија последниот меч со Косово во Приштина ќе биде само „рекреативен“ затоа што ќе нема да го промени изгледот на табелата на врвот. Втора сигурно ќе заврши Чешка која вечерва со пресврт го победи Косово (2:1).