Какво изненадување во финишот на квалификациите за ЕУРО 2020. Во Елбасан аматерите од Андора одиграа 2:2 против Албанија што секако е историски резултат за оваа мала држава. Интересно, Андора немаше постигнато гол на гостински терен од септември 2010 година односно 26 натпревари, а вечерва даде два гола и тоа во период од 30 минути.

Иако на Албанците ништо не им значеше овој меч не смееја да си дозволат ваква брука. Селекторот Еди Реја нерви искина покрај аут линијата додека неговите избраници се мачеа да го скршат бедемот на аматерската селекција на Андора.

Балај ја затресе мрежата за Албанците и се беше во ред се до 18 минута кога изедначи Мартинез. Само што почна второто полувреме истиот играч донесе пресврт за Андорците. Албанците изедначија седум минути подоцна преку Манај, а потоа имаа и доволно време да ги постават работите како што треба но гостите се затворија и одиграа цврст бункер без да дозволат топката да влезе во нивниот гол.

Интересно, Андора го освои четвртиот бод во квалификациската група, а три ги освои против Молдавија дома (1:0) минатиот месец.