Во Вардар никако не стивнуваат проблемите. Додека Едуард Кокшаров присилно прави рокади во составот и дел од ракометарите играат на неприродни позиции поради повреди кои го мачат македонскиот првак, ситуацијата од меч во меч станува покомплицирана.

На дуелот со Мотор се врати Кристијан Дисингер, но само на кратко. На стартот на мечот се повреди и до крај не влезе на теренот. По завршување на мечот рускиот стратег потврди дека станува збор за повреда на скочниот зглоб за сериозноста на истата ќе биде познато наскоро.

Во моментов надвор од терен долго време се Де Толедо и Сергеј Горбок, еден од главните лидери на Вардар, Данис Кристопанс втор меч е во „аут“, а се чини ниту ситуацијата со Павел Атман не е баш најдобра.

Вардар во сабота го чека уште една тешка битка, реванш мечот со Келце, но на гостински терен. Победа за европскиот првак значи задржување на второто место на табелата, кое во моментов му припаѓа на Монпеље поради подобрата гол разлика.