Одбојкарската федерација на Македонија во соработка со Македонскиот олимписки комитет, во периодот од 16 до 20 ноември, ќе организира тренерски ФИВБ курс од највисокото ниво 1.

Предавач ќе биде славниот француски одбојкарски стручњак Филип Блан, кој е еден од најценетите светски тренери, со четиридецениска кариера исполнета со многу успеси.

„Ќе ни гостува еминентен одбојкарски тренер, со работно искуство на сите светски меридијани. Неговите успеси и познавањето на играта го вбројуваат во врвот на струката. Оттука, привилегија за нас е што ќе имаме можност да ги слушнеме неговите размислувања за современата одбојкарска игра, а за нашите тренери и за странските гости ова ќе биде шанса да добијат нови знаења коишто ќе ги имплементираат во својата работа. Му се заблагодаруваме на Македонскиот олимписки комитет којшто е наш партнер во овој проект“, истакна генералниот секретар на ОФМ, Зоран Карановиќ.

Курсот е на највисоко едукативно рамниште според критериумите на Светската одбојкарска федерација (ФИВБ). На него ќе учествуваат вкупно 38 тренери од коишто седуммина се странци. Сите тие минаа триесетдневна теоретска обука, а поради строгите правила на курсот, ОФМ беше принудена да го скрати првичниот подолг список на пријавени учесници. Во хотелот „Континентал“ во Скопје и во салата на ОУ „Невена Георгиева – Дуња“, господинот Блан ќе одржи предавања на три теми: што е фундамент на одбојкарската игра, кои се главните принципи на одбојкарската игра и баланс меѓу одбрана и напад.