Вечерва од 19:45 часот, во Алкоркон, во рамките на Групата 6 за пласман на ЕВРО 2021, нашата млада репрезентација до 21 година и гостува на Шпанија, на една од најсилните светски селекции на таа возраст. За нашите „надежи“ ова ќе биде голем тест, најголем во досегашниот тек од квалификацискиот циклус. Досега одигравме три меча, имаме две победи, и тоа со Ф. Острови и со Црна Гора, и едно реми, она на последниот меч со Казахстан.

Во пресрет на вечерашниот дуел, свој коментар специјално за СПОРТМЕДИА има селекторот Благоја Милевски…

„Тешко гостување. Зарем треба да се трошат зборови за квалитетите на Шпанија. Таму играат познати играчи од големи клубови. Затоа голем респект за „фуријата“, но што сега. Зарем треба однапред да се предадеме? Не, напротив. И ние имаме познати играчи, и ние имаме квалитет, и ние сакаме добар резултат на овој натпревар. Верувајте дека како и досега и на овој меч ќе играме без пардон, на победа. Го цениме противникот, но се цениме и себе си“ вели Милевски.

„ПРЕСКОКНАВМЕ“ ЕДЕН ТРЕНИНГ…

Познато е што се случуваше со опремата на нашата репрезентација при пристигнувањето во Шпанија.

„Па и ние тука бевме шокирани, тој еден тренинг што не можевме да го одработиме секако дека значи многу, но сега не вреди да се кука. Имаме доволно мотиви, имаме доволно енергија и желба во себе и очекувам момците да  одиграат најдобро што можат. Јас како и секогаш и сега сум оптимист, немаме проблеми со повреди. По натпреварот ќе видиме дали сме успеале да дојдеме до резултат кој нас ќе ни одговара“ заврши Милевски.