Во пресрет на утрешниот претпоследен натпревар во квалификациите за ЕП 2020, вечерва на стадионот „Ернст Хапел“ во Виена, нашата репрезентација ќе го одржи и единствениот тренинг пред утрешниот меч со селекцијата на Австрија. На прес-конференцијата во пресрет на тренингот, селекторот Игор Ангеловски со свои очекувања за дуелот против селекцијата која во Скопје не порази убедливо со 4:1.

„Сите добро знаеме со какви проблеми се соочивме пред овој собир, но секогаш знаете дека јас не се жалам. Без секого се мора и се може, а фудбалерите кои се повикани одработија квалитетни подготовки и мислам дека се помина во најдобар ред. Сега имаме една ширина во списокот, па сега ќе имаме можност да им дадеме шанса на сите да покажат дека се дел од оваа репрезентација. Ни се случи уште еден пех, капитенот Пандев има температура, но останува да видиме како ќе биде до утре“, вели Ангеловски.

За ситуацијата со првиот тим и за евентуалните промени поради бројните повреди, Ангеловски додаде:

„Јас имам фудбалери кои никогаш не се предаваат. Верувам во нив, сите знаеме што направија за нашата репрезентација, не донесоа да се бориме за место на ЕП, така што јас верувам во нив. Ова се момци кои никогаш не се предаваат.“

Селекторот додаде дека за утре во тимот ќе има сигурно место и за некои од младите играчи кои се очекува да дебитираат во дресот со националниот грб.