Едни од највпечатливите имиња на светската тениска сцена во последнава деценија, близнаците Мајк и Боб Брајан го најавија своето пензионирање за следната година. Најуспешната двојка во историјата на тенисот сака да замине од светската сцена по УС Опен во 2020 година, објавија од АТП.

Сега 41-годишниците своето грен-слем деби го имаа уште во 1995 година. Боб и Мајк Брајан имаат освоено 118 титули, вклучувајќи ги и сите четири гренд слем трофеи.

Севкупно, тие триумфираа 16 пати на четирите големи турнири и 39 пати на Мастерс турнирите. Во 2012 година го освоија златниот медал на Олимписките игри во Лондон, а 2008 година донесоа бронза од Игрите во Пекинг. Близнаците во својата кариера останаа 438 недели на прво место на светската ранглиста за двојки.

„Во последните 21 година бевме многу благодарни за можноста да го живееме нашиот сон во професионалниот тенис. Тоа беше навистина магично патување. Сепак, ние сакаме да ставиме крај на ова одлично патување, сè додека сме здрави и сè уште се бориме за титули“, вели Боб Брајан.