Европскиот првак Вардар не успеја да стави крај на лошата традиција и да го освои „Легионов“ и го претрпе и третиот пораз во групната фаза во Лигата на шампионите, од Келце, 35:25 (17:14) во ЕХФ „мечот на неделата“.

Полскиот првак му го нанесе вториот најтежок пораз на Вардар сезонава, со десет гола негатива, додека првото место го држи Кил со 11 гола, од оној меч во Скопје.

Тимур Дибиров со 9 гола е прв стрелец на Вардар, додека Скубе имаше шест гола, а Стоилов пет погодоци.

Ако минатата седмица во Скопје мина „ниската постава“ , денеска Едуард Кокшаров немаше вистинско решение за високата дефанзивна линија на Келце, како и за расположениот Андреас Волф меѓу диреците. Дополнителен проблем му направија и големиот број на технички грешки, како и играта „седум на шест“ во првото полувреме, кога примивме четири гола на празна мрежа.

Вардар константно беше во дефицит уште од отворањето на средбата, а Келце имаше 4:1 со оглед на тоа дека за седум минути игра единствено Чупиќ од пенал успеја да постигне гол. Делувавме солидно во одбраната, но нападот имаше многу грешки и загубени топки, а тоа не чинеше. Во средината на првото полувреме Чупиќ прво од седум метри, а потоа и од контра имаше можност да го донесе европскиот првак на еден негатива, но не го искористи тоа. Следува казна, Агинагалде ги донесе највисоките +5 (12:7) за Келце, а откако Стоилов, Дибиров и Скубе ги консолидираа вардаровите редови за три гола негатива на полувремето, 17:14.

Во продолжението Келце влезе сигурно со 3-1 серија, одново се врати на највисоките +5 (20:15, 22:17), а „црвено-црните“ немаа решение за полскиот првак. Се вратија на 6-0 во нападот, имаа и ситуација кога 40 секунди играа со двајца играчи повеќе… но ништо не им одеше од рака.

Нереализирани пенали, утнати зицери, комплетен пад на одбраната во последните десетина минути и највисоки 33:23 на пет минути до крајот. А, потоа само се чекаше последниот судиски свиреж.