Металург со негатива од пет гола се враќа од гостувањето кај Горење Велење. Тимот од Автокоманд беше поразен со 24-19 во првата пресметка во рамките на третото коло во ЕХФ Купот, последниот чекор за пласман во групната фаза во ова натпреварување.

Иако негативата ни малку не е наивна, сепак најискусниот во редовите на Металург, Данило Дупјачанец верува дека може да се анулира истата и да се дојде до посакуваната цел, европска пролет.

„Треба да сфатиме дека имаме голема шанса. Ова не е реалниот резултат. Горење има преголема предност во однос на тоа што се играше. Им тргнаа некои работи на рака. Некои наши грешки, делови од мечот во кои не одигравме како што беше договорено… Во првиот дел имавме убава можност да го прекршиме резултатот. Но, видовме дека не се посилни од нас, во Скопје ако ја задржиме подолго концентрацијата, можеме да ги анулираме овие пет гола разлика. Во Скопје амбиентот ќе биде поинаков, публиката ќе биде на наша страна, притисокот ќе биде врз нив, не е ова готова работа“, вели голманот на Металург, Данило Дупјачанец.