Се чини дека Шкендија, но и Македонија имаат мега талент, вундеркинд. Неговото име е Дашмир Елези, кој вчера со само 14 години настапи за првиот тим на тетовци на пријателската со Приштина, и не само што играше туку постигна и прекрасен гол. Дашмир е дете од Тетово,роден е на 21 ноември 2004 година, значи за неколку дена ќе наполни само 15 години. Тој веќе неколку години е член на младинската школа на нашиот шампион, а игра за нашите млади репрезентации до 15, 16 и 17 години. Игра во нападот, но може да се снајде добро и на позицијата офанзивен играч за врска. Во Шкендија се гордеат со него, додека селекторот на У-17 репрезентацијата Горан Станковски, вели дека е чудо од фудбалер и му предвидува блескава кариера.

Елези од вчера е и клупски рекордер на Шкендија. Имено никој пред него не постигнал гол за првиот тим на тетовци со само 14 години.Во отсуство на официјална статистика, Дашмир веројатно е рекордер и во мак – фудбалот, па макар станува збор за пријателски натпревар. Ова е и светски раритет. Дете од 14 години да игра и да постигне гол за првиот состав на еден клуб.

НА 25 МЕЧА ЗА ШКЕНДИЈА У-13 ПОСТИГНАЛ НЕВЕРОЈАТНИ 103 ГОЛОВИ

Дека станува збор за чудо од дете, да го споменеме само податокот дека пред две години, за У-13 за Шкендија, на 25 натпревари постигнал дури 103 голови, значи нешто повеќе од четири на секој натпревар во просек, а притоа имал и 54 асистенции. Ова се бројки  кои навистина се фасцинантни. Нема дилеми, Шкендија во своите редови има фудбалско богатство, фудбалски бисер, мега талент.