Талентираната македонска тенисерка Александра Симева триумфираше на ИТФ Ј5 „Бароко куп“ тенискиот турнир во Софија, Бугарија. Во финалето Симева ја совлада домашната тенисерка Михаела Цонева со 2:1 во сетови (1:6, 7:5 и 6:3).

На патот до трофејот 15-годишната Симева ги помина Турчинката Елиф Албајрак, потоа српската тенисерка Дарја Сувирџонкова, па потоа ги победи домашните тенисерки Александрова и Пеева и во финалето Цонева.

Симева учествуваше и во двојки и во тандем со Пеева стигнаа до полуфиналето во кое изгубија од бугарско-словачката комбинација Александрова-Чудејова.

Инаку ова е втор сингл трофеј за Симева во ИТФ шампионатот годинава откако во октомври триумфираше во Бар, Црна Гора, а на турнирот во Скопје изгуби во финалето. Таа има и трофеј во двојки освоен на турнирот во Скопје во август.