Екс селекторот и еден од нашите најпознати тренери Драган Канатларовски за СПОРТМЕДИА стручно се осврна на мечот во Виена.

„На почетокот видовме една конфузна, несредена Македонија,посебно тука мислам на одбраната. Едноставно немаше координација, стабилност, цврстина, офанзива во целиот дел од тимот. Тоа беше така поради фактот дека рано примивме гол, но тоа беше така и заради неиграњето на тројцата наши клучни играчи, иако недостигаа и други, но сепак Муслиу, Адеми и Пандев се тие носители на нашата репрезентација. Во вториот дел видовме една храбра Македонија, полетна, со целосна офанзива, па ние од 70 миниута до кајот постигнавме гол и имавме 3-4 зицери, Тоа мора да се пофали. Реков видовме храбра и одважна Македонија, што резултираше со тој резултат од 1:2, а не со 1:4 како што беше во Скопје. За разлика од првиот дуел кај нас кога бевме навистина лоши, вечерва бевме многу подобри, значи имаме добар тренд на подобрување, без разлика што не бевме комплетни. Сакам нешто да кажам и за Влатко Стојановски. Се виде дека станува збор за голем потенцијал, во него добиваме класа офанзивец, па не бадијала направи трансфер во Франција. Видете и другите дебитанти беа солидни, но Влатко и не само поради голот, секако дека заслужува пофалби. Генерално јас сум задоволен од настапот, Австрија беше подобра и заслужено победи, тоа е факт. Некој очекуваа можеби катастрофа на нашата репрезентација, но не искочи така. Сега ни останува во овие квалификации мечот со Израел, а потоа во март тој искориски меч со Косово. Тоа е таа наша супер шанса за супер успех, за пласман на едно големо натпреварување“.