Во пресрет на утрешниот меч во Скопје против нашата фудбалска репрезентација на затворање на квалифинацискиот циклус за ЕП 2020, вечерва прес-конференција одржаа и Израелците. Селекторот Андреас Херцог за очекувањата од дуелот вели:

„Мислам дека сите селекции имаат подеднаква шанса за тоа трето место. Сите ги направивме истите грешки низ квалификациите. Австрија и Полска се подобри затоа што не правеа грешкикако нас. Утре мора да сме поагресивни. Очекувам неизвесен меч. Иако немаме шанси да бидеме трети, секако дека ќе направиме се за да победиме утре. Нормално тактиката зависи и од противникот, особено во одбраната. Против Полска влеговме малку кукавички, а во Европа не можеш да играш со три напаѓачи. Мора да се чуваш од прекини. Сите зборуваат за Захави, кој секако дека има своја цел, но и Дабур е во екстра форма, така што и од него очекуваме добар меч“, вели кормиларот на Израелците.

Искусниот Начо, пак, вели дека во Скопје ќе се игра многу поразлично од оној прв меч во Израел.

„Двете репрезентации немаат шанси да се пласираат на ЕП, но наша цел е секако победа утре. Како ќе заврши овој меч секако ќе има влијание и на тоа како ќе го одиграме плеј-офот на пролет. Мислам дека овој ќе биде сосема различен меч од оној во Израел. Тогаш Македонија се бранеше, постигна гол и беа задоволни со бод. Сега ќе биде сосема поинаку. Ќе нападнат, бидејќи играат дома и ќе бидат далеку поагресивни“, вели еден од најискусните во израелскиот тим, Бибрас Начо.