Македонија со победа од 1:0 ги заврши квалификациите за ЕВРО 2020. Добра Македонија вечерва на Арената, многу шанси, еден гол, оној на Николов во 45+1 минута, сосема доволно за победа за крај. И конечно падна тој Израел во Скопје, урната е таа лоша традиција за нас.

А почнавме одлично. Уште во првите две минути Барди и Елмас имаа убави шанси за водство. Штета, со тој ран гол ќе ги „скршевме“ гостите уште на стартот. По таа офанзива потоа следуваше смирување на играта, Израел како да извлече од мала криза. По една куса пауза, во 17.минута Костадинов имаше убава шанса, па потоа во таа 37.минута Барди со „бомба“ ја стресе пречката, Го чекавме голот, а тој дојде во 45+1, кога Николов по една мешаница успеа „отпадокот“ да го претвори во гол и радост на Арената. Претходно исто Николов за малку не успеа.

ВЛАТКО, ПА НАТКХО…

Вториот дел го отвори со убав шут и за малку гол Влатко Стојановски, сантиметри недостигаа за 2:0. На другата страна Наткхо можеше да израмни, но нашиот голман Димитриевски го брани тој негов силен удар. Неколку мигови подоцна Николов одново расположен да му задава проблеми на Харуш, но овојпат малку недостигаше за втор гол на играчот за врска.

Следува период во кој нашите момци апсолутно доминираа, ја притиснаа гостинската селекција, имаше акции, шутеви но немаше 2:0. Малку недостигаше во 83.минута кога Костадинов беше во добра ситуација, да поведеме со 2:0.

 

МАКЕДОНИЈА – ИЗРАЕЛ 1:0 (1:0)

Национална Арена “Тодор Проески“. Гледачи: 7.000.  Судија: Паоло Валери (Италија). Стрелци: Николов 45+1. (МАК). Ж. Картони: Барди, Николов (МАК), Глазер, Саба, Менахем, Дабур (ИЗР).

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски, Муслиу, Велковски (72. Зајков), Ристевски, Костадинов, Николов, Барди, Пандев (79. Аврамовски), Елмас, Стојановски (63. Несторовски)

ИЗРАЕЛ: Харуш, Тиби, Битон, Глазер, Даса (41.Дгани), Елмкиес (59. Хазиза), Наткхо, Менахем, Дабур, Захави, Саба (68. Вајсман).