За разлика од машкиот национален тим, најдобрата женска репрезентација веќе години наназад изостанува со настап на големите натпреварувања, и покрај тоа што во последните две-три години имаме позитивна градација и контимуитет во работата.

Селекторот Симе Симовски поднесе извештај до Управниот одбор на РФМ за сработеното во последните неколку месеци, како и на тоа што им претстои на дамите, но заклучокот на првиот човек Живко Мукаетов апсолутно е на место.

Македонија во 2022 година заедно со Црна Гора и Словенија ќе биде организатор на Европското првенство во женска сениорска конкуренција, на кое е потребно како домаќини да имаме значајна улога.

„Не можам да изразам задоволство од резултатите во моментот. Ова подмладување ќе донесе испливување на површина на некои нови ракометарки. Знаеме дека доаѓа 2022 година, од тој аспект апелирам за поголема активност, дури ако треба вклучување на помош од нашата страна. Мора да засукаме ракави, во женскиот ракомет ситуацијата воопшто не е розева. Луѓето кои се ангажирани во женскиот ракомет мора да се ангажираат многу повеќе.

Мора да направиме база, не е во прашање само Европското првенство што доаѓа. Ќе кажам одново незадоволителна ситуација, критика за мене и за сите што се вклучени, мора да се превземе нешто порадикално“, заклучи Мукаетов.