• Начинот на финансирање и работа на нашиот клуб е сличен на начинот на кој беа организирани клубовите во бивша Југославија.
  • Мислам дека направивме грешка во пристапот кон тој предолимписки турнир во Порто Рико, требаше да се одработи посериозно и да се искористи таа шанса за историско учество на Олимпијадата во 2012  на таа златна генерација
  • Сега имаме шанса да ја подмладиме репрезентацијата и без некој голем притисок да се формира наредната генерација за висок успех.  Лидерот на таа нова репрезентација заедно со Војдан Стојановски треба да биде Ненад Димитријевиќ кој игра одлично во Хувентуд во АЦБ и Еврокупот
  • Искрено се надевам дека во иднина кога ќе имам шанса и можност ќе ја водам репрезентацијата на Македонија.

Подготви: Марија Ковачева

Кошаркарска Македонија има на што да се гордее. Голем број тренери своите успешни кариери ги градат надвор од границите на нашата држава, и не само што ги градат тие се доста успешни во својата работа. Потенцијалот и квалитетот кои го поседуваат го претвораат во успешна приказна, исполнета со трофеи и големи признанија.

Еден од нив е Емил Рајковиќ. Македонскиот стратег веќе втора година е на клупата на Астана, тим со кого успеа да освои две титули во казахстанското првенство, а по завршување на минатата сезона доби признание за најдобар тренер во силната ВТБ-лига. Од пред некој ден Рајковиќ е промовиран и за селектор на репрезентација на Казахстан, прво искуство како главен стратег на еден национален тим.

За СПОРТМЕДИА раскажува за условите и начинот на кој се работи во другите земји, амбиците со казахстанската репрезентација, за мак-баскетот и негови размислувања како можеме да одиме напред, да ја најдеме светлината во темниот тунел.

*Годината што изминува е одлична за тебе. Беше прогласен за најдобрар тренер во ВТБ-лигата, ја освои двојната круна со Астана, а пред некој ден и официјално беше назначен за селектор на казахстанската репрезентација. Очекуваше ли ваква сезона, година?

„Искрено не знаев што можам да очекувам, отидов да работам во втората најсилна лига во Европа по шпанската Лига АЦБ .Оформив свој стручен стаб со Сашо Тодоровски, Марко Величковиќ, а оваа сезона го придодадовме и Борче Даскаловски, сите заедно на секој тренинг, на секој натпревар даваме сè од себе да забележиме што е можно поголем успех за клубот и за казахстанската кошарка воопшто“.

*Прв предизвик во дебитанското искуство како селектор е Азискиот Куп 2021. Кои се амбициите на тамошната федерација? Што се бара од тебе?

„Репрезентацијата во најголем дел е составена од играчи кои се членови на мојот клуб Астана и логично беше да ја преземам селекторската функција како би го продолжил континуитетот на програмата која ја реализираме во клубот. Задачата е пласман на ФИБА Азиа Куп 2021“.

*Веќе втора година работиш како тренер на Астана, каков е квалитетот на кошарката во Казахстан? На што се става акцент, дали начинот на работа е поразличен од Македонија?

„Казахстан, а посебно градот Астана кој сега е преименуван во Нур – Султан има култура на боречки спортови, номадски игри и во поново време хокеј и фудбал. Во време на Советскиот Сојуз, ЦСКА Москва имала кошаркарски секции по поголемите градови во Казахстан и од таму црпеле таленти, еден од главните играчи кој минал низ таа школа на легендарниот тренер Гомељски е легендата на Советската и Светската кошарка, а во моментов и мој претседател во клубот Валериј Тихоненко.

Начинот на финансирање и работа на нашиот клуб е сличен на начинот на кој беа организирани клубовите во бивша Југославија. Најсилните државни фирми го спонзорираат клубот, во кој финансиите ги водат економисти, а спортот е оставен на легендата Валериј Тихоненко, кој ангажира тренери кои селектираат играчи и ги исполнуваат програмските цели.

Казахстанската лига полека напредува но нема доволен број на квалитетни домашни играчи како лигата би била поквалитетна. Една од моите главни задачи покрај пласманот е и напредок на казахстанските играчи. Максимално сме фокусирани на тој дел од работата и затоа на натпреварите пробуваме да им дадеме квалитетни минути во ВТБ лигата иако тоа некогаш може да резултира и со пораз на тимот“.

*Во домашниот шампионат Астана има перфектен скор, се чини е на добар пат да ги одбрани двете круни. Колку е тешко да настапувате во тамошниот шампионат и во ВТБ-лигата?

„Генерално играме три меча неделно. Во домашното првенство можеме да користиме само 2 странски играчи, а играме 2 натпревари по ред со истиот противник ден за ден. Во ВТБ лигата може да се користат 6 странци (ние во моментов играме со 5). Многу е тешко да се одржи формата на играчите, системот на тренинзи го адаптиравме според системот на натпревари и оптоварувањето на секој играч поодделно, но нема друго наша цел и обврска е одбрана на титулите“.

*Долго време работиш во странство. Што е она што другите земји го имаат, а Македонија го нема?

„Мислам дека секоја земја има свои предности и недостатоци во однос на некоја друга. Секое место е специфично, на пример Полска е земја членка на ЕУ со околу 40 милиони граѓани кои во голем процент имаат прилично високо ниво на општа култура, а од друга страна и економија која константно расте. Спортот, културата па и уметноста генерално гледано скоро секаде се рефлексија на состојбата во општеството.

Во Казахстан имам впечаток дека земјата која е пребогата со природни ресурси и извезува нафта и гас, пробува да се одржи како економски лидер во Централна Азија и како своевиден мост од Европа кон Кина. Вложувањата во спортот ги гледам како дополнителен напор да се промовира државата и да се исполни нивната крајна цел. Казахстан да стане сериозен глобален економски играч и општество во кое граѓаните нема да се грижат за иднината на своите деца.

Македонија е се уште општество во кое голем процент од луѓето очајно бараат начин да ги подмират своите основни потреби и да ги решат своите егзистенцијални проблеми. Во такви услови е екстремно тешко да се развива свеста кај луѓето, нивниот интелект, култура, да се следат модерни трендови, да се продуцира квалитет, развива креативност.

Кога бараме решенија за подобрување на било која специфична област во општеството (на пример спорт/кошарка) мора сето тоа да го имаме во предвид, а првенствено сите да дадеме придонес во повторно градење на општеството и возобнување на моралните вредности кај сите нас.

Имаме многу етаблирани, врвни професионалци кои биле принудени да егзистираат и творат надвор од нашата држава. Тие секојдневно преку својот личен пример докажуваат дека во Македонија во моментов има многу талентирани поединци во различни области кои треба да излезат на површина.

Мора да најдеме начин да се подигнеме економски како држава, и културолошки како општество. Само така, разбременети од секојдневните егзистенцијални проблеми нашите млади би биле многу попродуктивни и поуспешни. Нашите млади генерации се интелегентни, размислуваат глобално, протокот на информации е многу побрз сега од пред 20 години и следењето на модерните токови и случувања во светот се во реално време. На тој начин не заостануваат многу од своите врсници во Америка или Европа, ќе бидат во можност да се едуцираат на квалитетни универзитети во светот и така да стануваат конкурентни на глобалниот пазар на труд. Треба да инвестираме во младите, тие едуцирани млади луѓе со голема енергија ќе можат да бидат двигател на развојот на Македонија.

*Сигурно ги следиш и случувањата во мак-баскетот. Каков совет би споделил за подобрување на квалитетот на македонската кошарка?

„Проблемот е во коренот и треба да се тргне темелно со развој на инфраструктурата (исклучива употреба на сали кои се чисти и затоплени), потоа употреблива и практична едукација и ефикасен систем за лиценци на тренерите и спортските менаџери во корелација и со примена на законот за спорт и законот за работни односи (денес ретко може да најдеме тренери или играчи на кои им се плакаат придонеси за социјално, здравствено и пензиско осигурување). Асоцијациите на судии, тренери и играчи да се борат за своите права обединети. Македонската кошаркарска федерација и Агенцијата за млади и спорт ги поттикнуваат овие процеси, но и дополнително да направат проекти со кои ќе им помогнат на разни начини на клубовите, школите за кошарка и сите чинители во кошарката на било кој начин кој им е практично потребен за напредок на кошарката“.

*Дали мислиш дека можеме да го вратиме репрезентативното ниво скалило повеќе? Можевме ли подобро од оној период во кој игравме претквалификации?

„По успехот во 2011 во Литванија со освојување на 4 место, мислам дека со таа иста генерација можевме да избориме учество на Олимијадата во Лондон 2012.

Мислам дека тогаш направивме грешка во пристапот кон тој предолимписки турнир во Порто Рико, требаше да се одработи посериозно и да се искористи таа шанса за историско учество на Олимпијадата во 2012  на таа златна генерација.

После пензионирањето на таа генерација и со неколку лоши избори за селектор нашата репрезентативна кошарка вртоглаво паѓа, а од 2017 Давитков и наредната генерација играчи постепено нè врати во квалификации за ЕП 2021. Мислам дека нема да биде воопшто лесно да се избори учество на ЕП 2021, но сега имаме шанса да ја подмладиме репрезентацијата и без некој голем притисок да се формира наредната генерација за висок успех.

Лидерот на таа нова репрезентација заедно со Војдан Стојановски треба да биде Ненад Димитријевиќ кој игра одлично во Хувентуд во АЦБ и Еврокупот. Тој како нов лидер и другите млади кои допрва ќе се појавуваат се зрак на надеж или светло во темниот тунел во кој досега се наоѓавме“.

*Посакуваш ли да се вратиш назад, се гледаш ли како тренер на еден македонски тим?

 

„Засега не се гледам, но во иднина сигурно ќе се вратам дома. Би сакал со мојот матичен клуб ’Работнички’ и како тренер да освојам шампионска титула и да го водам во највисоко реномирано европско натпреварување како Евролига или Еврокуп“.

*За СПОРТМЕДИА изјави дека доби понуда од КФСМ за селекторското место, но веќе си имал подадено рака со Казахстан? Да беше ситуацијата поинаква, дали ќе прифатеше да бидеш на клупата на Македонија?

„Да, ќе прифатев ако немав веќе договорен ангажман со Астана и Казахстан. И искрено се надевам дека во иднина кога ќе имам шанса и можност ќе ја водам репрезентацијата на Македонија“.