Вечерва ставаме крај на одисејата наречена „ЕВРО 2020 квалификации“. Вечерва во последниот меч од овој циклус играме против Израел, и тоа тоа дома пред својата публика. Противникот досега во Скопје се покажа како непобедлив, време е за уривање на таа традиција.

Секако дека анализите за тоа што и како сме сториле во оваа група, ќе ги оставиме за по натпреварот, затоа што од резултатот на овој меч ќе зависат и тие како ќе бидат оценети.

Сепак, Македонија вечерва ќе атакува на победа, на три бода. Со мала „помош“ од Полска, ќе завршиме на тоа трето место во групата Г. Место на кое никогаш не сме биле досега, Во изминатите 24-25 години период во кој игра Македонија квалификации, никогаш не сме биле трети. Во неколку наврати сме биле четврти, а почесто петти, па дури и последни.

„Рисовите“ на чело со Пандев на теренот и на чело со Мрме како селектор, тоа добро го знаат. Добро знаат дека овој Израел едноставно мора да падне.

МЕЧ ЗА УЖИВАЊЕ…

Некој ќе каже, па сеедно дали сме четврти, петти или трети. Ако не сме на ЕВРО, тогаш сеедно каде ќе завршиме на табелата во групата Г. Па и не е сеедно. Овие момци кои добро ги одиграа квалификациите заслужуваат да бидат најдобро пласирани од сите претходни генерации. Ако сме трети атмосферата ќе биде зачувана за оној мартовски антологиски бараж во Лигата на Нации. И ова го знаат момците, затоа тие во последните денови како „навиени“ изјавуваа – сакаме трето место, сакаме трето место.

До него ќе дојдат само со победа, само со добра игра, фанатична борбеност. Како да им е меч кој решава за тоа дали ќе се оди или не на ЕВРО.

А нам ни останува само да уживаме во играта на Пандев, Елмас, Барди, Влатко, Висар, Боби…и останатите „рисови“…