Минаа речиси 24 часа од мечот меѓу Македонија и Израел на кој ние победивме со  1:0.

Медиумите, па и СПОРТМЕДИА, се распишаа за многу работи, за триумфот, за тоа историското трето место, за добрата игра и тактика, за се, само ретко кој или никој не напиша дека синоќа Бобан Николов, играчот за врска на нашиот национален тим, го одигра досега најдобриот меч во дресот со државниот грб.

Ова беше неговиот 22 меч, кој засекогаш ќе го памети и тој а и сите ние. Кога ќе се потсетуваме некогаш на овој дуел, веднаш ќе помислиме на тоа колку беше добар Бобан Николов. И не само поради голот, и не само поради тоа што беше постојана опасност по голот на гостите, имаше уште и две шанси за уште некој гол, во таа 45+1 минута реагираше како вистински голгетер, туку и поради својата борбеност, желба, екстра мотив, одигра како овој меч да му беше судбински.

Штипјанецот секогаш е борбен, дали игра за Македонија, за МОЛ Фехервар или претходно  за Вардар, но за тоа вчера што го покажа заслужува чиста десетка. Таков фанатизам кога играш за својата Македонија, е тоа е нешто посебно. Колку ли само топки им одзема на Израелците, колку ли само лизгачки стартови имаше по влажниот терен на Арената, во колку ли само дуели влезе без да помисли дека може и да се повреди. Па така мора да се каже дека вчера Николов беше брилјантен и убедливо бр.1 на натпреварот. 

И по него, во нему својствен стил посочи…

„Живеам да играм на ЕВРО 2020. Успех е ова трето место, тоа ни дава уште поголема самодоверба во пресрет на баражот во Лигата на Нации. Едвај чекам да дојде март“. Ваква изјава може да даде само голем и вистински борец кој никогаш не се откажува, кој игра до последен атом од својата сила.

Таков беше синоќа Боби…