„Пламнаа“ билетите за последниот натпревар од Лигата на шампионите годинава на европскиот првак Вардар. Само три дена откако во продажба ги пушти поединечните билети, а на десет дена до дуелот со Веспрем, во СЦ „Јане Сандански“ во официјална продажба останати се уште 55.

Фановите како и досега покажуваат дека се со „црвено-црните“ момци кога е најтешко, бидејќи ситуацијата на Вардар не е воопшто сјајна во моментов во групата Б, каде од минатиот викенд „паднаа“ на 5. место на табелата.

Од друга страна нема сомневање дека ниту еден вистински ракометен фан не сака да го пропушти мечот, кој е реприза на ланското финале на Ф4 во Келн и да му даде поддршка на Вардар во обидот да ги „израмни“ сметките со Веспрем, кој во првиот дуел славеше со 39:30 пред својата публика.

Вардар го пречекува Веспрем во Скопје на 1 декември, во 17 часот.