По поразот во минатото коло во Домжале, МЗТ Скопје има шанса да им се врати на победите во АБА 2 лигата и тоа пред своите фанови. Избраниците на Ѓорѓи Кочов го пречекуваат Широки, тим кој има ист скор како македонскиот првак, пет победи и два порази, и тим кој со два бода од оваа средба ќе скокне на второто место на табелата.

Стратегот на клупата на тимот од Аеродром од своите момци бара максимална ангажираност и поддршка од публиката за остварување на шестата победа сезонава која ќе биде дополнителен мотив пред вечното дерби со Работнички закажано за во недела.

„Играме против екипа која е физички на високо ниво, која игра агресивна одбрана и која е одлична во транзиција. Тоа е тим кој минатата сезона беше шампион на БиХ, што доволно говори за нивниот квалитет и сериозност. Очекувам максимална ангажираност од моите играчи и се надевам дека на индетичен начин ќе одговориме на нивната агресивност. Би сакал да имаме голема поддршка од трибините, која мислам дека ќе значи на овој натпревар“, изјави тренерот Ѓорѓи Кочов.

Новото засилување на МЗТ Скопје Ерон Харис вели дека добро се вклопува во играта и секоја шанса ќе ја искористи максимално.

„Играме против силен противник и мора да дадеме со од себе ако сакаме да дојдеме до бодовите. Полека се вклопувам во тимот и ќе сторам се максимално да ја искористам својата шанса која ќе ја добијам од тренерот“, рече новото засилување Ерон Харис.

Натпреварот меѓу МЗТ Скопје и Широки е закажан со почеток во 19 часот.