Доаѓањето на Жозе Мурињо на кормилото на Тотенхем, всушност, отвори цела промена на стручниот штаб кој ќе работи со тимот во иднина. Португалецот не чекаше многу и веднаш до себе донесе две интересни имиња, инаку негови сонародници.

Станува збор за двајца Португалци кои се селат во Лондон од француски Лил. Првиот е Нуњо Сантош кој ќе биде одговорен за работата со голманите на Спарси, а вториот е Жоао Сакраменто кој ќе биде нов помошник на „Специјалниот“. И Сантош и Сакраменто се креации на Луис Кампос, десната рака на претседателот на Лил и еден од најпочитуваните спортски координатори во Европа. Ова веднаш генерираше вест дека наскоро самиот Кампос ќе се пресели во Тотенхем.

Сепак, во моментов, најинтересно име во овој стручен штаб на Мурињо, е практично неговиот прв соработник, Сакраменто. Многумина се прашуваат кој е тој и зошто Моу го одбра токму него?

Португалецот има 30 години и никогаш не играл фудбал на професионално ниво. Својата фудбалска слава како тренер (помошник) ја постигна најмногу поради извонредната аналитичка работа. Студирал спортска наука на Универзитетот во Јужен Велс со професорот Дејвид Адамс, кој сега работи како технички директор на Фудбалската асоцијација на Велс и е одговорен за обука на млади тренери. Паралелно со обуката и пишувањето на научни трудови, Сакраменто, под заштита на Адамс, кого Жоао го нарекува „фудбалски татко“, веќе на 20-годишна возраст стана асистент тренер во младинците на Кардиф, а потоа помогна и во тренерскиот штаб на фудбалскиот тим на Универзитетот во Јужен Велс. Португалецот го покажа своето знаење за теоретската и тактичката страна на фудбалот, а му беше понудено да стане аналитичар и во репрезентацијата на Велс, прво со Гери Спид, а потоа и со Крис Колман.

Во 2014 година, Сакраменто престана да работи во Велс, а Кампос го забележа младопт и талентиран специјалист и го покани во Монако, каде го создаде тимот што ќе стане европска сензација за неколку години. Во летото 2014 година, пред да започне со работа во Монако, тој го испрати Сакраменто во Аргентинската фудбалска федерација да им помогне во аналитиките пред Светското првенство во Бразил, каде Жоао беше тактички консултант и успеа со Аргентина да стигне и до финалето на СП.

Важно е да се потенцираат неколку важни компоненти за односот на Мурињо и младиот Сакраменто. Прво, Мурињо и Сакраменто се согласуваат во љубовта кон тактичка периодизација – систем за тренинг што го измисли Витор Фраде, како алтернатива на традиционалната физичка периодизација. Мурињо е водечки светски приврзаник на системот на Фреде, но него го работеа и Жардим и Кампос, па оттука и младиот Сакраменто.

Второ, Сакраменто нема догматски пристап кон фудбалот.

„Верувам дека треба да го прилагодиме нашиот играчки систем во согласност со карактеристиките на игрите на противникот, без да се оддалечиме од нашиот идентитет. Ако противникот игра ромб во средниот ред [што подразбира присуство на четворица играчи од средниот ред на оската на теренот], а ние обично дејствуваме со тројца играчи од средниот ред, тогаш нема да ја промениме нашата тактика за противникот. Наместо тоа, ќе го натераме нашиот последен дефанзивец да оди понапред. Според мое мислење, тренерот треба да се придржува до филозофијата на играта, затоа што е потребно многу време да се создаде свој идентитет – и тренерот мора да работи постепено“, вели новиот асистент на Мурињо во Тотенхем.