Нашата најдобра репрезентација имаше успешни квалификации за ЕВРО 2020, ги заврши на трето место, како никогаш досега. Нашата најдобра репрезентација претходно во Лигата на Нации заврши како прва во групата и има големи шанси, само ја делат 180 минути, од пласман на едно големо натпреварување. Оваа репрезентација со капитенот Горан Пандев и селекторот Игор Ангеловски си ги „мачка“ како од шега аутсајдерите,а оние селекции кои за нас некогаш беа велесили како Израел и Словенија, си ги победува редовно.

И се е тоа познато, но непознато е зошто, повторуваме зошто, нема адекватна посета на Националната Арена „Тодор Проески“. На петте меча од евроквалификациите имаше вкупно 73.000 гледачи или во просек по 14.600 на секој меч посебно. А нели Арената е со капацитет од околу 34.000. Значи во просек немало ни половина Арена. Најмногу имаше на дуелот со Полска, 22.000, најмалку пак на последниот меч со Израел, едвај 8.000 гледачи. Можеби и овие новинарски бројки и проценки околу посетата се „пренапумпани“, но ајде да ги земеме како веродостојни.

Тогаш прашањето е што уште треба да се случи за да фановите на фудбалот, на спортот вопшто, дојдат на трибините, ја наполнат Арената и сите заедно навиваме „Македонија, Македонија“. Ако Пандев и другарите гинат долу на теренот, и победуват, и носат радости, тогаш спортската јавност во нашата држава апсолутно потфрли.

 

НИ МЕСИ И РОНАЛДО ЗАЕДНО, НЕМА ДА ЈА НАПОЛНАТ АРЕНАТА

Да не говориме дека реално атмосферата на натпреварите е   „театарска“. Го нема она навивање од срце, ги нема оние „силни“ навивачки групи кои само на ФБ и Инстаграм се силни и бројни. Како на никого да не му е гајле за фудбалот, за Македонија. Гледаме на ТВ, одиме по Европа на натпревари и просто не тера да заплачеме. Кога игра нивната репрезентација тоа е фудбалски празник, оди цело семејство од дедо до внук, се навива за својата земја. Милина…

Кај нас пак просто да заплачеме од зјаењето на празната Арена. 

Некогаш не беше така, некогаш беше чест да се дојде на натпревар. Но тоа беше некогаш, веројатно дел од причината е што за десет години од оваа држава се иселија 500.000 луѓе, што оваа држава е економски на рамниште на Бурунди, што на никого не му е до фудбал. Така е во Првата лига, така е и во останатите спортови. Само РК Вардар го полни „Јане Сандански“, но само кога игра против гигантите како Кил, ПСЖ, Барселона. 

Здосадено ни е повеќе да се занимаваме со посетата, со анализите, со тоа зошто нема публика. Ова веќе е државен проблем. 

Некој ќе рече се е бадијала, на овој народ донеси му ги и Меси и Роналдо заедно да играат против Пандев, Елмас, Барди и останатите, нема да оди да гледа фудбал на Арената.

Што народ сме…за жалење…

 

ПОСЕТА ПО НАТПРЕВАР

МАКЕДОНИЈА – ЛЕТОНИЈА: 10.000

МАКЕДОНИЈА – ПОЛСКА: 22.000

МАКЕДОНИЈА – АВСТРИЈА: 15.000

МАКЕДОНИЈА – СЛОВЕНИЈА: 18.000

МАКЕДОНИЈА – ИЗРАЕЛ: 8.000